Македонија tose

16 октомври, 2014

7 години без Тоше

На денешен ден, 16 октомври, пред седум години Македонија остана без најсветлата ѕвезда на музичкото небо, човекот кој со својот глас и харизма го покори и обедини целиот Балкан, а беше на пат да го освои и светот. Нема Македонец кој не ги знае наизуст сите негови стихови од песните кои се значаен дел од антологијата на македонската забавна музика; од „Остани до крај“, „Сонце во твојте руси коси“, „Тајно моја“ до „По тебе“, „Игри без граници“ и многу, многу други.

Денеска во неговото родно Крушево, семејството со роднините, пријателите и фановите кои допатуваа од целиот регион, во 6 часот и 20 минути наутро, токму во моментот кога настрада Тоше, беше одржан поменот на неговиот гроб. „Тагата за нашиот син секојдневно е сè поголема. Не сме во состојба да зборуваме за тоа, особено не во овие тешки моменти“, изјавиле родителите на Тоше за српски „Курир“.

Ако Америка и светот ги имаат кралевите Елвис Пресли и Мајкл Џексон, нашиот крал е момчето чиј талент не познаваше никакви граници – Тоше Проески! За сите нас, тој има само датум на раѓање и продолжува да живее преку неговите песни кои ќе ги галат срцата уште на многу генерации после нас… Вечна ти слава, ангелу!

„Ве сакам сите!“ – Тоше Проески

За крај уживајте со неговиот последен концерт кој се одржа на 5 октомври 2007 година на градскиот стадион во Скопје.

И.Ј.

 



Врати се горе ↑