Настани 1796550_753696464689903_135643908932299396_n

22 октомври, 2014

6-ти „Фестивал на музика од светот“ во Битола

На 6, 7 и 8 ноември во Центарот за култура во Битола ќе се одржи шестото издание на „Фестивалот за музика од светот“, кое ќе започне со настапот на францускиот виртуоз на хармоника, Ричард Галијано заедно со светски познатиот „Тангарија Квартет“ од Франција. Нивната музика е комбинација на Ј.С. Бах, тангото, валцерот, самбата и салсата.

„Ричард Галијано е национален уметник од најголем ранг на Франција, ги освоил трите најголеми национални награди што ги доделува Франција, почнувајќи од витез па до највисокото признание. Добитник е на три значајни награди за најдобар џез албум во 1997 и во 1998 година, а во 2014 година за најдобар композитор на класична музика. Последните години има потпишано договор и е дел од ’Универзал корпорацијата’ во сфeрата на класичната музика“, објаснува Борче Димитровски, директор на Центарот за култура – Битола.

Влезниците за концертот на Ричард Галијано се пуштени во продажба на билетарата на ЦК Битола по цена од 200 денари.

Втората фестивалска вечер е резервирана за групата „Фолтин“ и за истанбулскиот диџеј со македонски корени Али Дојран, кој пред присутните ќе се претстави во битолското кафуле „Хаус Бар“ на Широк сокак. Последната вечер од фестивалот во култното место за битолчани „Порта Џез“ свој настап ќе има Јасмина Беличанска квартет. Фестивалот е во организација на Центарот за култура од Битола, а под покровителство на Министерството за култура. Селектор на програмата на „Фестивал на музика од светот“ е Оливер Јосифовски.

Програма:

06.11

20.30 часот, голема сала на ЦК Битола
Концерт на Ричард Галијано и Тангарија Квартет ( Франција )

07.11
21.00 часот, нова сцена на ЦК Битола
Концерт на „Фолтин“

22.00 часот, „Хаус бар“
диџеј Али Дојран и „Балкан Експрес“

08.11
21.00 часот, „Порта џез“
Џез квартет (Беличанска, Поповски, Бејков, Дуев)



Врати се горе ↑