Свет The-Oscars-2017

27 февруари, 2017

6 Оскари за „Ла ла ленд“, најдобар филм е „Месечева светлина“

Фаворитот за оваа сезона, мјузиклот „Ла ла ленд“ освои најмногу награди на синоќешното, 89. по ред доделување на академските филмски награди, популарните Оскари. Имено, најновото филмско остварување на режисерот Демиен Чазел, кому му ја донесе и наградата за најдобра режија, победи во шест од вкупно 14-те категории во кои беше номиниран, вклучувајќи ги најдобра кинематографија, најдобар дизајн на продукција, најдобра оригинална музика, најдобра оригинална песна (City of Stars) и најдобра актерка во главна улога за Ема Стоун.

На самиот крај на манифестацијата дојде до мала збрка во пликовите, па презентерите на главната награда за најдобар филм, актерите Ворен Бити и Феј Данавеј за победник го прогласија „Ла ла ленд“, што ќе беше седма награда за нив, па екипата се качи на сцената да се заблагодари. Меѓутоа, нивниот говор беше прекинат од организаторите, кои ја исправија грешката откривајќи го вистинскиот победник – „Месечева светлина“.

 

Ова филмско остварување на Бери Џенкинс му ја донесе и наградата за најдобро адаптирано сценарио, а на Махершала Али наградата за најдобар актер во споредна улога. Со по две награди дома си заминаа екипите на Манчестер покрај морето“ и „’Рт на спасот“. Авторот на „Манчестер покрај морето“, Кенет Лонерган победи во категоријата најдобро оригинално сценарио, а Кејси Афлек ја освои наградата за најдобар актер во главна улога. Новото филмско остварување на Мел Гибсон, пак, победи во категориите најдобар микс на звук и најдобра монтажа на филм.

Манифестацијата, чиј домаќин за првпат беше познатиот водител Џими Кимел, беше збогатена и со изведбите на номинираните песни во категоријата најдобра оригинална песна, па така честа да ја отвори вечерта му припадна на Џастин Тимберлејк, кој ги разигра присутните со својот хит „Can’t Stop The Feeling“ од анимираниот филм „Тролови“. Подоцна следеа настапите на Лин Мануел Миранда и Аули’и Карваљо со темата „How Far I’ll Go“ од анимираниот филм „Моана“, Стинг ја отпеа The Empty Chair“ од „Џим, приказна за Џејмс Фоли“, а Џон Леџенд ги изведе двете теми од „Ла ла ленд“ – „Audition“ и победничката „City of Stars“.

Наградените во поважните категории, како и дел од настапите Ве очекуваат во продолжение, а списокот со сите добитници на Оскар на 89. доделување на академските филмски награди погледнете го овде.

Најдобар филм„Месечева светлина“

Најдобра режија – Демиен Чазел, „Ла ла ленд“

Најдобар актер во главна улога – Кејси Афлек, „Манчестер покрај морето“

Најдобра актерка во главна улога – Ема Стоун, „Ла ла ленд“

Најдобар актер во споредна улога – Махершала Али, „Месечева светлина“

Најдобра актерка во споредна улога – Виола Дејвис, „Огради“

Најдобро оригинално сценарио – Кенет Лонерган, „Манчестер покрај морето“

Најдобро адаптирано сценарио – Бери Џенкинс и Тарел Алвин Мекрејни, „Месечева светлина“

Најдобра музика за филм – Џастин Хрвиц, „Ла ла ленд“

Најдобра оригинална песна„City of Stars“ (Ла ла ленд)

Најдобар анимиран филм„Зоотопија“

И.Ј.



Врати се горе ↑