Свет

24 ноември, 2016

5 нешта што не сте ги знаеле за Фреди Меркјури

Помина веќе четвртина век откако почина еден од најпознатите музичари на сите времиња, легендарниот Фреди Меркјури. Фронтменот на групата „Квин“ ја изгуби битката со сидата токму на денешен ден, 24 ноември 1991 година.

Британскиот пејач, чие вистинско име беше Фарок Булсара, а по потекло е од некогашниот британски протекторат Занзибар, денес дел од Танзанија, каде што и живееше до неговите тинејџерски години, до ден денес е една од најпознатите музички икони, со вокален распон од преку 4 октави. Пејачот заедно со бендот „Квин“ има снимено 15 студиски албуми, на кои се наоѓаат безвременските хитови како што се „Bohemian Rhapsody“, „The Show Must Go On“, „We Are The Champions“, „Radio Gaga“, „Under Pressure“ и многу други.

Покрај работата со „Квин“, Меркјури беше успешен соло пејач, а соработуваше и со шпанската оперска певица Монсерат Кабаље, со која ја отпеа прекрасната „Barcelona“, но и седум други песни од истоимениот албум.

Во септември годинава се одбележа и 70-годишнината од неговото раѓање, по чиј повод беше објавена компилација од неговите најголеми соло хитови насловена „Freddie Mercury – Messenger of the Gods: The Singles“. Во чест на оваа рок икона, во продолжение ве очекуваат 5 работи кои веројатно не сте ги знаеле за Фреди Меркјури.

1) Сметаше дека не е многу добар пијанист

Меркјури ги одолговлекуваше изведбите на „Bohemian Rhapsody“ бидејќи мислеше дека ќе погреши. За идните песни, тој почна помалку да го користи пијаното за да има повеќе слобода да се движи наоколу за време на настапите.

 

 

2) Ја облече принцезата Дајана како транс-сексуалка и ја однесе на геј забава

Телевизиската комичарка Клио Рокос, која му беше блиска пријателка на Фреди, во својата биографија напишала дека пејачот успеал да ја убеди Лејди Ди да излезе со него на пијалок во таверната „Ројал Воксхол“. За никој да не ја препознае, таа облекла војничко палто, кожна шапка и ставила едни од препознатливите огледални очила за сонце на Меркјури.

„Мислевме дека една од најпознатите икони на модерниот свет може да помине незабележана како ексцентрично облечен хомосексуалец“, напиша таа.

 

df

3) Многу си ги сакаше своите мачки

Додека беше на турнеја, Фреди често ќе се јавеше дома за да може да зборува со нив. Мери Остин, неговата поранешна девојка и блиска пријателка, ја држела слушалката за мачките да го слушаат додека зборува. Исто така, тој напиша и песна за една од неговите омилени мачки, Дилајла (Delilah).

 

 

4) Во неговиот официјален пасош стоеше името Фредерик Меркјури (Frederick Mercury)

И покрај тоа што неговото родено име беше Фарок Булсара, Меркјури не сакаше да го викаат никако поинаку освен Фреди, дури и пред да дојде во Англија. Тој го додаде презимето Меркјури кога се оформи бендот „Квин“.

 

5) Неговото вечно почивалиште е тајно

Остин наводно е единствената личност што знае каде се наоѓаат неговите посмртни останки. Таа изјавила дека за време на еден неделен ручек, непосредно пред неговата смрт, тој и рекол: „Знам точно каде сакам да ме ставиш. Но, никој не смее да знае бидејќи не сакам никој да ме откопа. Сакам само да почивам во мир.“

Пепелта првично се наоѓала во урна во спалната соба на Остин, пред таа да ја однесе на местото каде што тој побарал да ја однесе. „Реков дека ќе одам во козметички салон“, открила Остин за „Дејли мејл“ во 2013 година, додавајќи дека „морала кришум да излезе од куќата… требаше да изгледа како нормален ден за никој да не се посомнева. Никој никогаш нема да знае каде е погребан бидејќи тоа беше неговата последна желба“.

Инаку, веќе неколку години се најавуваше и биографски филм за Меркјури, каде што првично главната улога требаше да ја игра британскиот актер Саша Барон Коен, а потоа се шпекулираше дека ќе го замени Даниел Редклиф . Сепак, на почетокот на месецов, „И-даблју“ (EW) конечно потврди дека веќе се работи на филмот насловен по еден од најголемите хитови на „Квин“, „Bohemian Rhapsody“, а во улога на Фреди ќе го видиме 35-годишниот американски актер со потекло од Египет, Рами Малек.

rami-malek-freddie-mercury

 

Сè уште нема информации околу тоа кога може да се очекува премиерата на овој биографски филм, но се надеваме дека ќе имаме можност да го видиме барем во текот на следната година.

За крај, час по пеење од единствениот Фреди Меркјури!

И.Ј.



Врати се горе ↑