Галерија 7

22 декември, 2015

„5+ бенд“ со серија успешни концерти во МНТ

Со 20 распродадени концерти во Македонскиот Народен Театар, „5+ бенд“ убедливо ја одбрани титулата – најјакиот бенд на светот. Од почетокот на серијата концерти „5+ бенд“ наполни 15 сали во МНТ, а пред нас се уште 5 незаборавни дружби. Но, неверојатниот успех на првото големо шоу кое го посетија речиси 12.000 деца и родители, ќе финишира со концерт за дечињата од ранливите групи. Во соработка со Македонскиот Народен Театар и неколку организации, со игра и песна ќе ја заокружиме оваа прекрасна приказна.

Чудна шума“, „Љубен си“, „Шепни ми“ и „Фамилија“, се само дел од репертоарот на големото шоу, полно со кореографии, сценски ефекти, мултимедија и директна интеракција со децата. Ова е и концерт и шоу и претстава и мјузикл со пријатно и динамично драмско дејствие, енергично одиграно од ликовите на највозбудливата дружба на македонските телевизии: „5+ Фамилија“.

Петко, Лина, Цветко, Комшо, Ана, Марија, Детективот, Тетка Душка и Дедо Менде, вредно работеа на беспрекорната реализација на концертите на кои беа громогласно поздравени од присутните деца и родители.

Едночасовното шоу е во режија на Игор Иванов, сценариото е на Елеонора Венинова, а актерите што ги играат ликовите од „5+ Фамилија“ и најголеми виновници за фантастичната еуфорија во МНТ се: Билјана Пројковска Драгичевиќ, Сања Арсовска, Игор Ангелов, Зоран Љутков, Ивана Павлаковиќ, Сара Климоска и Марија Кондовска.

„5+ Фамилија“ сака да им се заблагодари на сите кои што учествуваа во реализацијата на концертите, без чија посветена работа и вложена љубов, проектот немаше да блесне во ова светло. Имајте среќни новогодишни празници, не заборавајте дека #ДружбатаПродолжува и очекувајте нови изненадувања од „5+ Фамилија“ во новата 2016-та.



Врати се горе ↑