Свет eurovision-2016

27 ноември, 2015

43 земји ќе учествуваат на „Евровизија 2016“

Изборот за песна на Евровизија во 2016 година ќе биде најголемиот натпревар во изминативе неколку години бидејќи ќе учествуваат дури 43 земји! Со оваа бројка се изедначува рекордот постигнат во 2008 и 2011 година, пишува официјалната евровизиска веб страна. По една година пауза, на евровизиската сцена повторно се враќа Украина, како и голем дел од балканските земји што отсуствуваа неколку години. Меѓу нив е Босна и Херцеговина, која последен пат учествуваше во 2012 година, а Хрватска и Бугарија се враќаат за првпат од 2013 година.

Интересно е тоа што в година повторно ќе учествува и Австралија, која годинава за првпат се приклучи во натпреварот по повод јубилејот од 60 години на фестивалот. Земјата на кенгурите годинава првпат учествуваше и на детската Евровизија, каде што ја прати Македонката Бела Пејџ, освојувајќи го осмото место. Но, за разлика од годинешното издание, кога австралискиот претставник Гај Себастијан настапи директно во финалето, следната година земјата ќе се натпреварува во една од полуфиналните вечери. Според одлуката донесена пред неколку месеци, во полуфиналните вечери ќе настапуваат и земјите од „големата петка“, како и земјата-домаќин, но овие настапи ќе бидат од ревијален карактер и нема да влијаат врз нивниот пласман во финалето.

После серијата неуспешни обиди да се квалификува за финале, единствената земја која в година нема да се врати на евровизиската сцена е Португалија.

Во арената „Глоуб“ во Стокхолм ќе ги видиме претставниците на следните земји:

  • Албанија
  • Ерменија
  • Австралија
  • Австрија
  • Азербејџан
  • Белорусија
  • Белгија
  • Босна и Херцеговина
  • Бугарија
  • Хрватска
  • Кипар
  • Република Чешка
  • Данска
  • Естонија
  • Финска
  • Франција
  • МАКЕДОНИЈА
  • Грузија
  • Германија
  • Грција
  • Унгарија
  • Исланд
  • Ирска
  • Израел
  • Италија
  • Летонија
  • Литванија
  • Малта
  • Молдавија
  • Црна Гора
  • Холандија
  • Норвешка
  • Полска
  • Романија
  • Русија
  • Сан Марино
  • Србија
  • Словенија
  • Шпанија
  • Шведска
  • Швајцарија
  • Украина
  • Обединетото Кралство

Извршниот надгледувач на фестивалот, Јон Ола Санд, рече: „Горди сме што за Евровизија 2016 се пријавија јавните сервиси од 43 земји. Навистина се потрудивме што повеќе земји да донесеме на натпреварот, а токму тоа го потврдува оваа бројка. Фактот што сите овие различни земји и култури доаѓаат на едно место, и покрај сите предизвици со кои се соочува Европа денес, докажува дека моќта на музиката и интересот за Евровизија се огромни.“

Со оглед на тоа што сè уште е мошне рано, своите претставници за в година досега ги одбрале само шест земји. Покрај нашата Калиопи, познати се и претставниците на Холандија, Кипар, Ерменија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. После цели 12 години и хитот „In The Disco“, боите на БиХ повторно ќе ги брани познатиот пејач Дин, кој ќе настапи заедно со колегата Далал Мидхат-Талакиќ и хрватската виолончелистка Ана Руцнер, а Црна Гора, пак, за свои претставници ги одбра момците од триото „Хајуеј“, кои балканската публика најдобро ги знае по учеството и освоеното четврто место во втората сезона на регионалниот „Х фактор“.

Како ќе бидат распределени настапите во двете полуфинални вечери ќе дознаеме во јануари следната година.



Врати се горе ↑