Македонија lebisol7901

18 јануари, 2016

40 години „Леб и сол“

Легендарната македонска група „Леб и сол“ е формирана во јануари 1976 година, а основачи беа Влатко Стефановски и Бодан Арсовски, Мики Петковски, како и Никола Димушевски и Димитар Чочоровски.

Првите снимки „Леб и сол“ ги работеа во студиото на Радио Скопје, а првиот настап надвор од Македонија им се случи во април 1977 година во Нови Сад, по што добија покана за учество на Младинскиот фестивал во Суботица. По освоената прва награда добија можност за реализација на деби-албум, според договорот со продуцентската куќа ПГП РТБ. Тогаш со нив настапуваше и Гарабет Тавитјан (кој неколку месеци претходно, по враќањето од војска и се приклучи на групата), а својата огнена крштевка ја имаше кон крајот на август истата година кога „Леб и сол“ настапија како предгрупа на „Бијело дугме“, на концерт кај Хајдучка чешма.

Под продуцентската палка на Јосип Бочек, некогашниот гитарист на групата „Корни“, во студиото на РТВ Нови Сад, во септември 1977 година, „Леб и сол“ го снимија своето деби-издание „Леб и сол“. Понесени од големиот успех, матичната куќа ПГП РТБ им даде многу подобри услови за снимањето на втората плоча, а читателите на списанието „Џубокс“ им доделија најмногу гласови за 1978 година, по што„Леб и сол“ беа избрани за најдобра група за таа година.

Потоа се редат албумите „Леб и сол 2“,„Ручни рад“, „Бесконачно“, „Следовање“, „Калабалак“, „Тангента“, „Звучни зид“, „Као какао“, „Путујемо“, за да завршат со „Антологија“.

За време на постоењето на групата има снимено 11 студиски, четири живи албуми и две сингл плочи.

Во текот на својата долгогодишна кариера групата често настапуваше во странство и тоа Кипар (1982), Русија (1983 и 1988), Италија и Шпанија (1987), Австрија (1988), Ирска, Шведска и Данска (1990), САД (1982 и 1991). Во пролетта 1992 настапија и во белградскиот „Сава Центар“, на четири распродадени концерти, што претходно им тргна од рака само на кантавторот Ѓорѓе Балашевиќ и на светската атракција „Џипси Кингс“.

Прошталниот концерт го имаа на 13 декември 1995 година, во клубот „Милос“ во Солун, по што групата престана со заедничко творење и настапување.

Во април 2006 година составот се собра повторно за да ја одбележи 30-годишнината од своето постоење. Поставата тргна на турнеја по земјите на поранешна Југославија, а во неа беа Влатко Стефановски, Бодан Арсовски, Гарабет Тавитјан и Кокан Димушевски. Тоа всушност беа и последните настапи на легендарната група во комплетен состав.

Извор и фотографии: Вистина



Врати се горе ↑