Концерт foto Brega 40g.Bijelo Dugme

15 септември, 2014

40 години „Бијело дугме“: Горан Бреговиќ и Ален Исламовиќ на 7 ноември во Скопје!

Авалон продукција со огромно задоволство го најавува најголемиот спектакл оваа есен/зима во Македонија, кој ќе се случи на 7 ноември во салата „Борис Трајковски“. По повод 40 години од неприкосновеното „Бијело дугме”, а во рамките на нивната светска турнеја „КО НЕ ПОЛУДИ, НИЈЕ НОРМАЛАН”, Авалон продукција ќе биде организатор  на големиот славенички концерт на  Горан Бреговиќ, придружуван од „Оркестар за свадбе и сахране” и Ален Исламовиќ како специјален гостин.

Авалон Продукција со задоволство прифати да го работи овој историски проект, особено ако се земе предвид дека Скопје беше избегнато кога пред 9 години се собра „Бијело Дугме“ и кога имаше само три концерти  во Сараево, Загреб и Белград. На оваа турнеја, за која Брега изјавува дека ќе свират секаде во светот каде има „наши” луѓе, ќе бидат изведени сите најголеми хитови на „Бијело дугме” од нивните 9 албуми.

„Кад би био бијело дугме”, „Селма”, „Не спавај мала моја”, „Пристао сам бићу све што хоће”, „На задњем седишту мога аута”, „Ружица си била”, „Падају звезде”, „Лоше вино”, „Битанга и Принцеза”, „Сањао сам нођас да те немам”, „Липе цвату”, „Тако ти је мала моја кад љуби Босанац”, „Хајдемо у планине”, „Има нека тајна веза”... ова е само дел од репертоарот на најпродаваниот, најнаградуваниот и најслушаниот бенд на целиот Балкан на сите времиња.

Ален Исламовиќ за овој голем спектакл изјавува: „Многу ми драго што повторно со Горан ќе застанеме на бина како во далечната 1989. Ќе ги свириме и пееме сите најубави песни на ’Бијело дугме’ и заедно со нашите фанови да го прославиме 40-тиот роденден на бендот. Јас како последен пејач на Дугме и тогаш ги пеев сите песни, па можам и денес. Секако тоа ќе бидат концерти полни со многу носталгија, тага и среќа. На концертите ќе не придружува ’Оркестарот за свадби и погреби’, но во еден модерен манир. Сакам да ја искористам оваа прилика и да ги повикам сите генерации да ни се придружат заедно да го прославиме овој голем јубилеј.“

Сите детали околу продажбата и цената на влезниците за овој голем спектакл, ќе бидат објавени во наредните неколку денови.



Врати се горе ↑