Свет 106060-michael_jackson_617_409

25 јуни, 2013

4 години од смртта на Мајкл Џексон

Пред точно четири години, на денешен ден почина Мајкл Џексон (29.08.1958 – 25.06.2009), познат како Кралот на поп музиката. Како осмо дете на семејството Џексон, тој дебитираше на професионалната музичка сцена заедно со неговите браќа, како член на Џексон 5 во средината на 1960, а својата соло кариера ја започна во 1971 година. Од тогаш Џексон има издадено 10 самостојни студиски албуми, бројни синглови и компилациски изданија, како и соработки со колеги меѓу кои и неговите сестри Џенет и Ла Тоја Џексон, Дона Самер, Дајана Рос, Стиви Вондер, групата во која членуваа неговите внуци и други.

Албумот „Thriller“ (1982) е најпродаван албум на сите времиња. Во истата категорија спаѓаат и изданијата „Off the Wall“ (1979), „Bad“ (1987), „Dangerous“ (1991) и „History“ (1995), а бројот на продадени албуми ширум светот изнесува над 750 милиони примероци. Меѓу стотиците награди и признанија кои Џексон ги добил во текот на неговата кариера се и 13 Греми награди, Греми награда за животно достигнување, 26 Американски музички награди (повеќе од кој било друг уметник), а прогласен е и за „Уметник на векот“.

Џексон направи револуција во светот на музиката, особено со неповторливите и генијални видео записи, а легендарниот „Thriller“ и до ден денес е меѓу најскапите и најоригинални видео записи. Неговиот уникатен стил, танцувањето и модните елементи сè уште ги инспирираат бројните музичари на светската сцена – тој е идол на многу познати ѕвезди како што се Ашер, Крис Браун и други.

 

Во текот на неговата кариера Џексон одржа четири турнеи, но содека се подготвуваше за последната насловена „This Is It“, неговата здравствена состојба нагло се влошуваше. Тој почина од срцев удар на 25 јуни 2009 година. Пред неговата смрт, Џексон наводно консумирал големи количества на лекарства, како што се Пропофол и Лоразепам. Смртта на Џексон предизвика глобална тага, а преносот од неговиот погреб го проследија околу една милијарда луѓе од целиот свет.

Во март 2010 година, Сони Мјузик Ентертејнмент потпиша договор вреден 250,000,000$ за да го задржи правото на дистрибуција на неговите снимки до 2017 година и да го издаде постхумниот албум во текот на една деценија по неговата смрт. Неговиот прв постхумен албум од новиот материјал, едноставно насловен „Michael“ e издаден на 14-ти декември 2010 година.

Меѓу најпознатите хитови на Мајкл Џексон се „Billie Jean“, „Smooth Criminal“, „Dirty Diana“, „Bad“, „Beat It“, „In The Closet“ „Black Or White“, „Remember The Time“, „Liberian Girl“ и други. Во продолжение да се потсетиме на некои од нив.



Врати се горе ↑