Свет Vienna2015_logo

26 декември, 2014

39 земји ќе се натпреваруваат на „Евровизија 2015“

39 земји ќе испратат свои претставници на јубилејното 60. издание на „Евровизија“, кое следната година ќе се одржи во Виена, Австрија. По пауза од една година се враќаат Србија и Кипар, како и Република Чешка, која досега учествуваше само три пати и тоа во 2007, 2008 и 2009 година, но се повлече бидејќи натпреварот не бил многу интересен и имал мала гледаност во земјата. Покрај нив, и секако Македонија, свои претставници ќе испратат следниве земји: Албанија, Ерменија, Австрија, Азербејџан, Белорусија, Белгија, Данска, Естонија, Финска, Франција, Грузија, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Ирска, Израел, Италија, Летонија, Литванија, Малта, Молдавија, Црна Гора, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Русија, Сан Марино, Словенија, Шпанија, Шведска, Швајцарија и Велика Британија. 

Со оглед на тоа што бројот на земји учеснички е непарен, организаторите одлучија во првата полуфинална вечер да настапат 16, а во втората 17 земји. По 10 земји од двете полуфинални вечери ќе им се придружат на „големата петка“ – Франција, Германија, Италија, Шпанија, Велика Британија и домаќинот Автрија во големото финале закажано за 23 мај 2015 година. На 26 јануари 2015 година ќе биде одредено кои земји во кои полуфинални вечери ќе настапат, а настанот ќе биде пренесуван во живо на Eurovision.tv.

 

Со оглед на тоа што бројот на земји учеснички од година во година се намалува (42 во 2012, 39 во 2013 и 37 годинава), за следната година сепак има само мал напредок. Поради веќе познати причини, на евровизиската сцена нема да видиме претставник на Украина, а и покрај надежите на евровизиските фанови повторно да се врати Турција, нивниот национален сервис „ТРТ“ одлучи да не се враќа на натпреварот. Од регионот повторно нема да учествуваат Бугарија, Босна и Херцеговина и Хрватска.

Што се однесува на песните и изведувачите, до сега се познати само 3 песни; вклучувајќи ја „Лисја есенски“ на Даниел, имавте можност да ги слушнете и „Warrior“ на Амбер од Малта, како и „Walk Along“ на Трејнќе Оштерхаус од Холандија. За Црна Гора, Белгија и Сан Марино се познати само имињата на изведувачите, а тоа се Кнез, Лоик Ноте и Мишел Перниола со Анита Симончини. Вечерва ќе биде избран изведувачот и песната за Белорусија, а ќе се одржи и првата полуфинална вечер од албанскиот избор во чии рамки ќе се натпреварува и стружанката Венера Љумани. Сите 39 песни ќе бидат претставени најдоцна до март следната година.



Врати се горе ↑