Свет 0549007.48-596x350

25 декември, 2012

39 земји дефинитивно ќе учествуваат на Евросонг 2013

Иако се прогнозираше дека на Евровизија во Малме, Шведска, ќе настапат рекорден број од 44 земји, сепак на крајот конечната бројка на земји учеснички е 39. Поради финансиски причини своето учество го откажаа Босна и Херцеговина, Португалија и Словачка. Ерменија по пауза од една година повторно ќе учествува, со што се доби дефинитивниот список од 39 учеснички.

„Жал ни е поради повлекувањето на Босна и Херцеговина, Португалија и Словачка, кои како причина за ова ги наведоа економските проблеми“ – изјавил Јон Ола Санд, извршен надзор на Европската радиодифузна унија. Турската телевизија ТРТ одлучи да се повлече поради промените на правилата кои беа направени во претходните години.

„Изненадени сме од оваа одлука. Промените беа направени во 2009 година, а ТРТ никогаш официјално не се спротистави на нив. Желни сме да продолжиме да разговараме со турската телевизија со цел да најдеме изводливо решение“ – изјавил Санд.

Годинава покрај Македонија од регионалните земји ќе учествуваат Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Албанија, Бугарија и Грција. Присуството го потврдија и Австрија, Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Белгија, Kипар, Данска, Естонија, Финска, Франција, Грузија, Германија, Унгарија, Исланд, Ирска, Израел, Италија, Летонија, Литванија, Малта, Молдавија, Холандија, Норвешка, Романија, Русија, Сан Марино, Украина, Швајцарија, Шпанија, Велика Британија и домаќинот – Шведска.

„И покрај тешката економска ситуација во Европа, голем дел од државните телевизии се посветени на овој натпревар, кој прерасна во долгогодишна традиција“ – додал Санд. Европската радиодифузна унија ги зема предвид економските притисоци со кои се соочуваат нејзините членови. Организаторите на натпреварот постојано бараат начини да ги намалат трошоците за телевизиите-учеснички, како и за телевизијата-домаќин, и се обидуваат одржувањето на настанот да го направат што подостапно. Иницијативите се движат од намалување на престојот во градот-домаќин, па сè до преговори за посебни хотелски цени за делегациите. За наредните изданија се разгледуваат и други мерки. Една од нив е и одржување на пробите зад затворени врати.

Во изминатите години првите проби беа од отворен тип, а по нивното завршување се одржуваа прес-конференции. Ваквата агенда наложуваше престој на делегациите на земјите, фановите и новинарите од две недели во градот-домаќин на настанот. За да се намалат трошоците на сите учесници, организаторот во Малме ќе направи програма со ист број проби која ќе се реализира во пократок временски интервал.

Ова е 58. издание на Евровизија. Ќе се одржи на 14, 16 и 18 мај 2013 во шведскиот град Малме, откако Лорин победи на натпреварот во 2012 година со песната „Euphoria“. Победничката песна се најде на музичките топ-листи низ Европа и веќе се смета за една од најуспешните победнички песни на Евровизија на сите времиња.

Извор: Дневник



Врати се горе ↑