Македонија

25 јануари, 2019

38 години од раѓањето на Тоше

Денеска, 25 јануари, се одбележуваат 38 години од раѓањето на една од најголемите музички ѕвезди во Македонија и на Балканот – Тоше Проески. Во родното Крушево, роденденот беше одбележан со пригодна манифестација во неговата спомен-куќа, каде што настапи и неговата колешка Елена Ристеска, а во негова чест ќе се пее и во Битола, градот каде што ги помина средношколските денови. Таму, во Центарот за култура викендов ќе се одржат два однапред распродадени концерти на Камерниот оркестар на Битола, заедно со повеќе имиња од музичката сцена како што се Наде Талевска, Димитар Андоновски, Антонија Гиговска, Ѓоко Танески, Елена Петреска и други.

 

Музичката кариера ја започна со настапот на прилепскиот фестивал „Мелфест“ во 1997, каде што и победил изведувајќи ја песната „Yesterday“ од „Битлси“. Патот кон ѕвездите му го отвораат песните „Пушти ме“ (1997) и „Остани до крај“ (1998).

Имаше соработки со големи имиња како Џеф Бек, Жељко Јоксимовиќ, Леонтина Вукомановиќ, Марина Туцаковиќ, Бора Ѓорѓевиќ, Миро Буљан, Антонија Шола, Тони Цетински, Ања Рупел, Џана Нанини и голем број на други влијателни балкански и светски музичари и композитори. Се смета дека подемот во неговата кариера започнал по изведбата на песната „Твоите бакнежи на моите бели кошули“ на Скопскиот фестивал во 1999 година.

 

Во меѓувреме Тоше стана дел од продуцентската куќа „Авалон“, каде што остана сè до истекувањето на неговиот договор во април 2002. Во 2004 година беше прогласен за Амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ. Негов заштитен знак е познатиот израз „Ве сакам сите!“.

Загина на 16 октомври 2007 во сообраќајна несреќа во Хрватска. Постхумно беше прогласен за заслужен граѓанин на Македонија.



Врати се горе ↑