Македонија

16 мај, 2018

33. „Фолк-фест Валандово“ на 24 и 25 мај

33. издание на фолк-фестивалот „Валандово 2018“ годинава ќе се одржи на 24 и 25 мај. Првата фестивалска вечер ќе биде од ревијален карактер и ќе бидат изведени музички нумери од тројца досега најизведувани автори на валандовскиот фестивал – Григор Копров, Миле Барбаровски и Љупчо Трајковски – Фис, а во втората ќе се натпреваруваат 19 нови фолк-мелодии, одбрани од вкупно 90-те што пристигнаа на конкурсот. Првата награда ќе изнесува 1.500 евра, втората 1.000 евра и третата 750 евра.

Сето тоа беше соопштено на неодамнешната конференција за медиумите, на која за овој фестивал зборуваа и министерот за култура Роберт Алаѓозовски, советничката за култура Цветанка Ласкова, Петрит Сарачини, исто така од Министерството за култура, претседателот на Уметничкиот совет на фестивалот, Живоин Глишиќ, и градоначалникот на општина Валандово, Перо Костадинов.

Фотографија на Фолк Фест Валандово 2018.

Министерот истакна дека „Фолк-фест Валандово“ е значајна манифестација за македонската народна музика, на која во нејзините најдобри времиња се презентирале песни кои потоа станале толку популарни што многумина веќе не ги доживуваат како авторски, туку како народни песни. Тој додаде дека од тие причини, за разлика од минатите години, треба да се подигне квалитетот на фестивалот, да се вреднуваат авторите и изведувачите и да се негуваат белезите на нашата народна музика по која сме препознатливи во целиот свет.

Цветанка Ласкова, пак, додаде дека емотивно е врзана за фестивалот и дека многу добро ги знае чувствата на учесниците и на публиката. „Сакаме да им го вратиме тоа чувство на граѓаните зашто и ден-денес си ги потпевнуваме рефрените од ’Бисер балкански’, ’Една песна’ – композиции што останаа да живеат. Се надевам дека и од овој фестивал ќе останат рефрени што ќе ги пеат идните генерации“, дополни таа.

Фотографија на Фолк Фест Валандово 2018.

Изведувачите во двете вечери ќе бидат придружувани од оркестар составен од едуцирани музичари од ФМУ, кои сега се членови на оркестрите во МОБ и Филхармонијата. Според Глишиќ, снимањето на материјалот е во завршна фаза и за разлика од минатата година се очекува пред фестивалот да биде издаден и компакт-диск.

Инаку, годинава има новини и во начинот на гласање на фестивалот, така што во одлуката за наградите со 60 проценти ќе учествува жирито, а 40 отсто публиката. Жирито ќе биде составено од седум члена, а телефонското гласање се исфрла. Во периодот на гласањето, мини-концерт ќе има босанската фолк-пејачка Ханка Палдум со својот оркестар.

Извор: Макфакс / Фотографии: Фејсбук



Врати се горе ↑