Балкан

30 декември, 2018

30 македонски изведувачи номинирани на МАС 2019

Вкупно 30 македонски изведувачи добија номинација за претстојното прво доделување на регионалните музички награди МАС 2019 (Music Awards Ceremony), кое ќе се одржи на 29 јануари во арената „Штарк“ во Белград, во организација на компанијата „Скајмјузик“. Најпопуларните музички имиња од Балканот се натпреваруваат во 13 категории, а со најмногу номинации од Македонија се закити дуото ДНК, кое е во трка за 3, односно 4 награди, вклучувајќи го дуетот на Панчо со Антонија Гиговска, која исто како Лозано и „Некст тајм“, заработи две номинации.

Меѓу 26-те номинирани во категоријата за најдобра поп-песна од машки изведувач се најдоа Луд по тебе“ на Александар Тарабунов, Љубави на Давид Темелков, „Камо тебе да те имам“ на Лозано и Главен град на тагата на Владо Јаневски, додека во категоријата за најдобра поп-песна од женски изведувач, каде што номинирани се вкупно 19 песни, се најде повратничкиот сингл на Магдалена Цветкоска – Ена, „Ко да нема утре ден“, и Ресет“ на Тијана Дапчевиќ.

 

За најдобра поп-песна од бенд номинирани се „Ај кју“ со „Мојот крал“ и „Пеперминт“ со „Не си со сите“, кои во оваа категорија се натпреваруваат со уште 12 други теми. Меѓу 15-те номинирани во категоријата за најдобра алтернативна/електро-нумера се најдоа и филмската Дионис на „Фолтин“ и Небо на Сара Мејс, додека за најдобра соработка номинација добија 6, односно 7 македонски изведувачи: Александра Јанева и Наташа Малинкова за дуетот Еуфорија“, Антонија Гиговска и Панчо за нивната Ванила, Димитар Андоновски и „Тајфата“ за „Остани“, како и Даниел Кајмакоски за дуетот со „Неверне бебе“ – Још се надам“. Во оваа категорија се натпреваруваат вкупно 31 песна.

 

Скопската тројка „Фанк шуи“ за својата „Виулица“ доби номинација за најдобра рок-песна, а меѓу 15-те номинирани во оваа категорија е и „Љубена“ на Кристина Арнаудова. 21 песна е во трка за титулата најдобра модерна денс-нумера, а потенцијални добитници овде се ДНК за нивниотДијамант“, Елена Ристеска за нејзината „Текила со лимон и Тајзи за неговата Параноја“.

Првата од двете номинации за „Некст тајм“ е во категоријата за најдобра етно-песна, каде што братското дуо е номинирано со ремек-делото „Слушам кај шумат шумите“, а меѓу деветте номинирани овде се и Каролина Гочева заТи не дојде и „Дрим-тим“ за Етно-Балкан. По една номинација во категоријата за најдобра модерна, традиционална фолк-песна добија и нашите Сузана Гавазова и Елена Велевска, за темите Опасна за око и „Недостапна за тебе“, кои се натпреваруваат со уште 23 други теми.

 

И покрај тоа што македонската хип-хоп и рап-музика е доста популарна, во оваа категорија не е номиниран ниту еден Македонец, но затоа меѓу 15-те номинирани за најдобар нов изведувач се дури пет македонски имиња: Ања Ветерова, Антонија Гиговска, Лина Пејовска, Мина Блажев и најновите екслузивци на „Авалон“ – „Дупер“.

Во трка за најдобро музичко видео се вкупно 24 екранизации, меѓу кои „Невозможната мисија“ на ДНК, „Километрите“ на Лозано и „Слушам кај шумат шумите“ на „Некст тајм“, а ДНК се единствените македонски музичари што се номинирани во последната категорија за најдобар концерт, каде што се натпреваруваат со уште 19 колеги од Балканот.

Инаку, за номинациите одлучуваа преку 200 радиостаници од регионот, раководејќи се од своите параметри за слушаност и популарност на песните и изведувачите.

„Многу размислувавме во врска со гласањето. Приоритетна цел ни е оваа манифестација да поседува највисок степен на кредибилитет, а кога е во прашање музиката, тоа претставува не само коректност, туку и професионална објективност. На пример, гласањето преку СМС или онлајн се смета дека е објективно, а од друга страна сите истражувања покажаа дека помладите генерации побрзо ќе одлучат да гласаат за својот фаворит, за разлика од средните или постарите генерации, иако сите подеднакво имаат свои фаворити“, изјави Миленко Шкариќ, сопственик на компанијата „Скајмјузик“, која го организира и продуцира ова доделување.

 

„Се потрудивме да ги земеме предвид сите релевантни параметри: радиостаниците, како најобјективен парамета за слушаност на песните, бесплатното гласање онлајн и стручното жири. Не само што сите тие ќе влијаат врз крајниот резултат на доделувањето на признанијата, туку ќе постојат и посебни категории на признанија во склад со гласовите на публиката и слушателите на радиостаниците“, додаде тој.

На МАС 2019, на 29 јануари во арената „Штарк“ ќе бидат доделени преку 30 музички признанија, а на црвениот килим ќе прошетаат повеќе од 200 познати личности од регионот. Свеченото доделување ќе трае околу 4 часа, а преносот во живо ќе го вршат најгледаните телевизии со национална фреквенција во регионот.

Гласањето е во тек!

Бесплатното гласање онлајн веќе започна, а покрај земјите од регионот, можат да учествуваат и речиси сите европски земји, како и Австралија, Америка, Канада и земјите од Азија. Сè што треба да направите за да им ја дадете вашата поддршка на своите фаворити е да се упатите на официјалната веб-страна на МАС, да се регистрирате со вашата електронска пошта (каде што ќе ви пристигне линк за активација) и, секако, да гласате!

Во рамките на секоја категорија можете да гласате најмногу 20 пати!

 



Врати се горе ↑