29 јануари, 2018

24 карати магија! Триумф за Бруно Марс на „Греми 2018“

Бруно Марс триумфираше на вчерашното јубилејно доделување на престижните музички награди Греми, кое се одржа по 60. пат! Популарниот музичар победи во сите шест категории во кои беше номиниран, вклучувајќи и три од четирите најважни награди за песна, снимка и албум на годината. Имено, хитот „That’s What I Like“ се закити со титулите најдобра ар-ен-би песна, најдобра ар-ен-би изведба и песна на годината, „24K Magic“ е снимка на годината, а истоимениот албум е најдобар ар-ен-би албум и албум на годината.

„Би сакал да ви раскажам куса приказна. Кога имав 15 години, во Хаваи настапував во едно шоу што се викаше ’Магијата на Полинезија’… Мојата задача беше да настапувам пред околу илјада луѓе кои доаѓаа од целиот свет. Составував листа од 10-12 песни и можам да кажам дека бев многу добар… Дури подоцна во животот сфатив дека сум одбирал песни напишани од Бејби Фејс, Џими Џем и Тери Луис и Теди Рајли. И со тие песни, се сеќавам дека сите луѓе, без оглед од каде доаѓаа, танцуваа и наздравуваа заедно! Токму тоа сакав да го направам со овој албум, сакав да ви донесе само радост и љубов… Би сакал оваа награда да им ја посветам ним, на моите херои, без нив овој албум не би постоел“, рече тој примајќи ја наградата за албум на годината.

Во рамките на манифестацијата Марс имаше и свој настап (видео горе), изведувајќи го актуелниот сингл „Finesse“ заедно со колешката Карди Би, а танцувајќи го „поздрави“ и својот идол Мајкл Џексон со неговиот легендарен „месечев од“ (moonwalk).

Фотографија: Matt Sayles/Invision/AP

Иако имаше најмногу номинации (8), Џеј Зи не успеа да победи во ниту една од натпреварувачките категории, но сепак не си отиде дома со празни раце бидејќи тој беше годинашниот добитник на специјалната награда за икона на музичката индустрија. Доста успешна беше вечерта и за Кендрик Ламар, кој иако изгуби во две од главните категории (албум и снимка на годината), освои пет од вкупно седумте награди за кои беше номиниран. Неговиот албум „DAMN“ беше прогласен за најдобар рап-албум, хитот „HUMBLE.“ е најдобра рап-песна со најдобра рап-изведба и најдобро музичко видео, а дуетот со Ријана за „Loyalty“ е најдобрата рап/отпеана изведба.

Популарниот рапер ја имаше и честа да ја отвори манифестацијата со очекувано спектакуларен настап, изведувајќи сплет од темите „XXX“, „American Soul“, „DNA“ и „King’s Dead“, во што му се придружија фронтменот и гитаристот на „Ју-ту“, Боно и Еџ, а сред изведбата свој коментар даде и познатиот комичар Дејв Шапел, кој рече: „Пострашно од тоа да гледаш искрен црнец е да бидеш искрен црнец!“

THEO WARGO/WIREIMAGE

Во екот на движењето „Времето истече“ (Time’s Up), чија цел е да се запре злоупотребата на жените, не изостанаа реакции ниту на ова доделување. Ако на златните глобуси сите беа облечени во црно, овој пат на црвениот килим и за време на манифестацијата можеа да се видат бели рози, но и комплетно бела облека, како и изведби посветени на жртвите на сексуална злоупотреба. Така Лејди Гага својот настап со Марк Ронсон го посвети на починатата тетка Џоен, по која го нарече и последниот албум, изведувајќи ја насловната тема и хитот „Million Reasons“, но најголем впечаток дефинитивно остави Кеша.

Како што е познато, пред две години таа го обвини својот продуцент Доктор Лук за сексуална злоупотреба, а за да биде уште полошо, мораше да продолжи да работи со него заради потпишаниот договор што не можела да го раскине. Ова трауматично искуство Кеша го преточи во баладата „Praying“, која ја изведе и на вчерашното доделување, заедно со колешките Синди Лопер, Камила Кабејо, Биби Рекса, Џулија Мајклс и Андра Деј.

 

На сцената во „Медисон сквер гарден“ во Њујорк настапија и: Сем Смит, „Литл биг таун“, Луис Фонси и Деди Јенки (Despacito), Чајлдиш Гамбино, Пинк, Стинг и Шaги, диџеј Калид со Ријана и Брајсон Тилер, „Ју-ту“, Бен Плат, Елтон Џон со Мајли Сајрус и Лоџик со Калид и годинашната добитничка на наградата најдобар нов уметник, Алесија Кара, а специјални настапи имаа и Џон Батист, Гери Кларк Џуниор и Џо Сејлор во чест на легендите што починаа минатата година, Фетс Домино и Чак Бери, потоа Ерик Чрч, Марен Морис и браќата Озборн ја изведоа „Tears In Heaven“ од Ерик Клептон во чест на жртвите од минатогодишниот масакр во Лас Вегас, а Крис Стејплтон и Емилу Харис ја отпеаја „Wildflowers“ во чест на Том Пети, додека Пети ЛуПон уште еднаш ја изведе „Don’t Cry For Me Argentina“ од мјузиклот „Евита“ во чест на бродвејскиот великан Ендру Лојд Вебер.

Иако доделувањето веќе традиционално (последниве 15-тина години) се одржува во центарот „Стејплс“ во Лос Анџелес, по повод 60. роденден годинава се пресели во Њујорк, каде што последен пат се одржуваше во 2003 година, за јубилејното 45. издание. Водител на манифестацијата по вторпат беше британскиот актер и водител Џејмс Корден, а најдобрите за 2017 година според Академијата за науки и уметности на запис на звук можете да ги видите на официјалната веб-страна на Греми.

И.Ј.



Врати се горе ↑