Македонија мф

31 март, 2016

23 домашни и 7 странски пејачи на „Макфест 2016“

Во просториите на „Порта Македонија“ во Скопје,  фестивалот на забавни мелодии „Макфест 2016“ вчера ја одржа првата прес-конференција. Пред присутните новинари, автори и изведувачи, старо-новиот директор на фестивалот Љупчо Мирковски, кој по 21 година се враќа на оваа позиција, ги објасни сите детали и поединости околу годинешново 31. издание кое ќе се одржи на 2, 3 и 4 јуни во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип.

Фестивалот е поделен во двеполуфинални и една финална вечер во која ќе настапат избраните 18 или 20 композиции. Начинот на гласање годинава е променет како и самата структура на фестивалот на кој, како што кажа директорот Мирковски, му е вратен интернационалниот карактер со тоа што на „Макфест 2016“ ќе настапат и 7 странски изведувачи од неколку европски земји, кои ќе пеат на неколку јазици: германски, англиски, шпански, српски…

Имено, според новите пропозиции, кај учесниците од Европа и од регионот нема да има ограничувања на јазикот на кој ќе се интерпретира песната, па тоа значи дека годинава на штипскиот фестивал не е исклучена можноста да триумфира композиција која ќе ја изведе странски изведувач, а истата нема да биде отпеана на македонски јазик.

Потврдени се настапи на изведувачите од Шведска, Австрија, Словенија, Србија, Норвешка и Германија, а од попознатите македонски имиња, меѓу другите  ќе ги видиме: Александра Јанева, Викторија Лоба, Џина Папас – Џокси, Сара Мејс,  Александра Михова, Ања Ветерова, Ѓоко Танески, Зоран Рудан-Цеки, Сара Мејс, Симона Попоска, Иван Раденов

Гласањето е поделено во три сегменти, па така  за најдобрите песни на фестивалот ќе гласаат стручно жири составено од тројца странци и двајца домашни еминентни музички дејци, потоа публиката преку телефонското гласање и на крајот самите изведувачи кои ќе можат да гласаат за три композиции од своите колеги, но разбирливо, не и за себе. Редоследот за настап на изведувачите во двете полуфинални вечери одделно, беше одреден на денешната прес конференција по пат на извлекување (прва овде и втора овде).

Исто така предвиден е директен телевизиски пренос на трите фестивалски вечери, а изведувачите ќе настапуваат во живо и нив на сцената во Домот на културата „Ацо Шопов“  ќе ги придружува Ревискиот оркестар на МРТВ. Водител и сценарист на фестивалот годинава ќе биде познатиот радио и ТВ водител Димитар Атанасовски.

По неколкугодишниот пропуст, годинава организаторот вети дека фестивалското цеде од „Макфест 2016“ со сите песни новинарите ќе го добијат на рака на денот на одржувањето на првата полуфинална вечер.

Извор и фотографија: Макфест.мк



Врати се горе ↑