За Вас 33_2-468

13 јануари, 2013

2013-та ќе биде плодна музичка година

Според тоа како се одвиваат работите, годинава ќе биде доста плодна на музички план. Како сите да чекаа да помине „крајот на светот“, па да се фрлат на работа. Уште при крајот на минатата беа најавени повеќе „повратнички“ албумски изданија од неколку светски популарни музички имиња, а во првите десетина дена списокот се удвои. Покрај веќе најавените изданија на Еминем, Бијонсе, Лејди Гага, нови материјали ќе слушнеме и од Мајли Сајрус, Деми Ловато, Џонас Брадрс, Бритни Спирс, Џастин Бибер, Мараја Кери, Џенифер Лопез, Ники Минаж, Кингс оф Лион, Депеш Мод, Тејк Дет, Прл Џем, Хртс, Дејвид Боуви, Суед… А деновиве како гром од ведро небо, по долга пауза, нов албум најави и Џастин Тимберлејк, а со нова песна женското трио Дестинис Чајлд најави компилациско издание.

Како што изминуваат деновите, голема е веројатноста оваа листа да станува сè поголема. Што се однесува на домашната музичка сцена, особено онаа на популарната музика, уште во февруари ќе биде промовиран новиот албум на Калиопи насловен „Мелем“, веќе сигурно можеме да го очекуваме деби албумот на Димитар Андоновски уште во првата половина од годинава, а нешто подоцна се надеваме и на вториот албум од Тамара Тодевска, издание кое ќе го наследи првенчето „Сино“ од 2004 година. Слушнавме и дека можеби некаде во април светлото на денот ќе го здогледа и четвртиот студиски албум на наш добро познат музичар, чие име за сега нема да го откриеме, барем додека не се осигураме дека веста е 100% точна. Како и да е, едно е сигурно – 2013-та ќе биде плодна музичка година!



Врати се горе ↑