Свет

23 јануари, 2017

18 песни со ѕвездени придружни вокали

Речиси секоја песна има придружни вокали, честопати отпеани од непознати пејачи или пак од самиот изведувач, а понекогаш се случува гласот во позадина да ни звучи познато, но не ни претпоставуваме дека станува збор за уште една исто толку славна ѕвезда. Вакви случаи има доста, само што пејачите обично не се потпишуваат како соработници, или пак се потпишани под псевдоними.

Во продолжение Ве очекува листа од 18 песни во кои придружните вокали ги отпеале познати пејачи, актери, дури и членови на кралски семејства.

  1. Роби Вилијамс – No Regrets

Во вториот сингл од албумот „I’ve Been Expecting You“, кој Роби Вилијамс го објави во 1998 година, гостуваат два непотпишани вокалисти – Нил Тенант од „Пет шоп бојс“ и Нил Ханан од „Дивајн комеди“. Песната беше прва од многуте соработки на Роби и фронтменот на „Пет шоп бојс“, кои повторно ги здружија силите (овој пат официјално) во 2007 за темите „She’s Madonna“ и „We’re The Pet Shop Boys“, сместени на албумот „Rudebox“.

 

2. Бритни Спирс – Piece Оf Me

Шведската пејачка Робин ги отпеа придружните вокали во хит синглот „Piece Of Me“, кој Бритни Спирс го смести на нејзиниот мошне успешен албум од 2007 година, „Blackout“. Имено, авторот на песната, Клас Ахлунд ја замолил Робин да ја отпее демо верзијата на песната, па придружните вокали од последниот рефрен може да се слушнат и во финалната снимка од Спирс.

 

3. Колдплеј – Everglow

Во последниот емотивен сингл од албумот „A Head Full Of Dreams“, придружните вокали ги отпеа сега веќе поранешната сопруга на фронтменот Крис Мартин, актерката Гвинет Палтроу.

 

4. Џенифер Лопез – Play

Само 15 минути беа потребни за американската пејачка Кристина Милијан да го напише хитот „Play“, кој Џенифер Лопез го смести на нејзиниот втор студиски албум од 2001 година, „J.Lo“. Имено, Милијан првично сакала сама да ја сними песната, но кога дознала дека Џеј Ло е заинтересирана, со задоволство се откажала од намерата, а нејзиниот вокал се слуша во рефренот на финалната верзија.

 

5. Аркејд фајр – Reflektor

Придружните вокали во најавниот сингл од истоимениот албум на „Аркејд фајр“ ги отпеа музичката легенда Дејвид Боуви!

„Тоа беше во периодот кога Боуви штотуку го објави ’The Next Day’. Бевме во фаза на миксање во студио во Њујорк и тој само влезе да слушне што сме сработиле, па ни се понуди да ни помогне бидејќи навистина му се допадна песната. Всушност, толку му се допадна што ни се закани дека ќе ни ја украде ако не побрзаме, па ние му предложивме да запее заедно со нас и тој се согласи“, објаснил Ричард Рид Пари во разговор со „Њу мјузикл експрес“.

 

6. Ријана – Disturbia

Ако внимателно ја преслушате песната, тогаш сигурно ќе го забележите гласот на Крис Браун. Некогашното момче на Ријана оригинално ја напишал песната за својот втор албум „Exclusive“, но подоцна одлучил дека подобро ќе звучи во изведба на женски вокал.

 

7. Електрик сикс – Danger! High Voltage

Придружните вокали во деби синглот на „Електрик сикс“ се на фронтменот на „Вајт страјпс“, Џек Вајт. Членовите на бендот во повеќе интервјуа изјавиле дека пејачот бил автомеханичар по име Џон С. О’Лири, за кој се претпоставува дека е псевдоним токму на Вајт.

8. Селена Гомез – Same Old Love

Сместен на нејзиниот последен албум „Revival“, во хитот „Same Old Love“ може да се слушне гласот на британската пејачка Чарли Екс-си-екс, која ја напиша и ја отпеа демо верзијата на песната, во соработка со хитмејкерите „Старгејт“ и Бени Бланко.

 

9. Карли Сајмон – You’re So Vain

Со години се шпекулираше за кого е напишан овој хит на Карли Сајмон, па кога беше откриено дека придружните вокали ги отпеа фронтменот на „Ролинг стоунс“, многумина помислија дека песната му е посветена токму на Мик Џегер. Сајмон секогаш ги негирала овие гласини, инсистирајќи дека песната е за повеќе мажи во нејзиниот живот, како и дека вториот стих е стриктно за американскиот актер Ворен Бити.

10. Мадона – Justify My Love

Кралицата на поп музиката отсекогаш им била верна на своите придружни вокали, кои со години пеат на нејзините албуми и турнеи. Сепак, за овој хит од 1990 година, придружните вокали ги отпеа нејзиниот колега и коавтор на песната, Лени Кравиц.

11. Витни Хјустон – Step by Step

Ако го заслушате рефренот на овој мегахит од 1996 година, сигурно ќе го забележите гласот на некогашната вокалистка на „Јуритмикс“, британската музичарка Ени Ленокс, која е и автор на песната. Таа ја снимила песната за себе четири години порано, но потоа променила дел од стиховите за верзијата на Витни.

 

12. Дејвид Боуви – Fame

Првиот број 1 сингл на Боуви во САД беше резултат од студиска свирка со некогашниот Битлс Џон Ленон. Боуви работел на гитарски риф за друга песна, па кога Ленон запеал „Aim“, дуото сфатило дека се случува магија и така се роди песната „Fame“.

13. Дајана Рос – Chain Reaction

Уште еден пример кога авторот на музиката се вклучува во снимањето на песната е токму овој хит на Дајана Рос од 1986 година. Овој пат станува збор за браќата Гиб од легендарната австралиска група „Би џиз“.

14. Парис Хилтон – Nothing in this World

Пред да почне да ги освојува топ листите како самостоен изведувач, Кеша го позајмуваше својот глас како придружен вокал кај повеќе колеги и колешки, а тоа го направи и со овој сингл на пејачката во обид, Парис Хилтон.

 

15. Питер Габриел – Games Without Frontiers

Оваа песна на Габриел од 1980 година беше неговиот прв топ 10 сингл после заминувањето од „Џенезис“, а успехот можеби се должи на фактот што музичарот ги здружи силите со колешката Кејт Буш, која ги отпеа придружните вокали. Шест години подоцна, дуото ќе има уште еден топ 10 сингл, овој пат како рамноправни соработници на дуетот „Don’t Give Up“.

 

16. Мајкл Џексон – In The Closet 

Кралот на поп музиката најчесто самиот си ги пееше придружните вокали, но кога правеше отстапки, тоа обично беа неговите сестри Џенет и ЛаТоја. Но, малкумина знаеја чиј е гласот на мистериозната девојка во хитот „In The Closet“, претпоставувајќи дека станува збор за супермоделот Наоми Кемпбел, која се појавува и во добро познатото видео за песната. Сепак, тоа не е вистина. Имено, легендарниот музичар бил доста близок пријател со повеќе членови на кралски семејства, а една од нив е и принцезата Стефани од Монако, која со задоволство го позајми својот глас за овој познат хит од 1991 година.

 

17. Алиша Киз – You Don’t Know My Name

Продуцирана од Канје Вест, во овој хит на Алиша Киз придружните вокали ги отпеа тогаш непознатиот Џон Леџенд.

18. Гери Халивел – Bag It Up

Некогашната „зачинета девојка“ беше блиска пријателка со Џорџ Мајкл, па за нејзиниот трет соло сингл го ангажираше дуото Пепси и Ширли, кое ги пееше придружните вокали на сите песни на поранешното дуо на Мајкл, „Уем“. После распадот на „Уем“ во 1986 година, Пепси и Ширли имаа и неколку самостојни хитови, како што е број 2. синлот „Heartache“ од 1987, кој не се искачи на врвот само заради колегата Џорџ Мајкл и неговиот дует со Арета Френклин, „I Knew You Were Waiting (For Me)“.

Извор и фотографија: Official Charts



Врати се горе ↑