Свет wh

30 октомври, 2014

16 песни за кои не сте знаеле дека се преработки

Додека текстописците маки мачат да смислат нови хитови, многу изведувачи едноставно решаваат да препеат други песни, но на свој начин. Витни Хјустон, Кристина Агилера, „Нирвана“, Елвис и многу други зедоа релативно непознати оригинали, им внесоа нов живот и создадоа хитови. Секако дека и оригиналите имаат голем дел од заслугата, а во продолжение имате само некои од светските хитови за кои не сте знаеле дека се преработки:

1. Витни ХјустонI Will Always Love You (1992)

Легендарната пејачка има голем број хитови кои ги пеат повеќе генерации, но нејзината преработка на поп-кантри синглот на Доли Партон за филмот „Телохранител“ е веројатно нејзината најдобра песна воопшто. Музиката за тој филм е првиот албум во историјата кој бил продаден во повеќе од милион примероци во една недела, со што станал и најдобро продаваниот саундтрак на сите времиња, најмногу благодарение на одличната преработка на Витни Хјустон. Песната се врати на Билборовата топ 10 листа во 2012 година, по смртта на пејачката.

 

2. Елвис ПреслиHound Dog (1956)

Да, еден од најголемите хитови на кралот на рокенролот и еден од неговите најпродавани синглови (со преку 10 милиони продадени примероци) е преработка. „Hound Dog“ е песна која ја снимиле повеќе изведувачи, но Елвис ја направи засекогаш негова со изведбата од 1956 година, само три години по оригиналната верзија на Вили Ме „Биг Мама“ Торнтон.

 

3. Нирвана – The Man Who Sold The World (1994)

Изведбата на песната од Дејвид Боуви од 1970 година, „Нирвана“ ја искористи како сингл за нивниот албум „MTV Unplugged“. Песната била доволно препознатлива, но бендот уште повеќе, така што слушателите, особено младите, повеќе ја поврзуваат со „Нирвана“ отколку со Боуви.

 

4. Арета ФренклинRespect (1967)

Кралицата на соул музиката и самата рекла дека „Respect“ е еден од нејзините најголеми хитови, па и со таква изведба, не е тешко да се сфати зошто, но песната прв ја потпишал и извел Отис Рединг во 1965 година. Френклин во својата верзија во рефренот го вметна познатото спелување „R-E-S-P-E-C-T“, но освен тоа, двете верзии се многу слични.

 

5. Битлси – Twist аnd Shout (1964)

Ова е една од песните која има најголем број преработки во историјата на музиката, но најпозната е благодарение на легендарните „Битлси“. Во песната која, за жал, никогаш не го достигна првото место на Билбордовата Хот 100 листа, го има препознатливиот вокал на Џон Ленон, кој бил настинат на денот на снимањето. Тоа во комбинација со хармоничните „Ааааа“ на квартетот при крајот ја направи „Twist аnd Shout“ една од вокално најнезаборавните песни на „Битлси“ воопшто. Но, сепак треба да се спомене дека оригиналната верзија во 1961 година ја извеле Фил Медли и Берт Бернс.

 

6. Кристина Агилера – I Turn To You (1999)

Пејачката, која е една од најмоќните женски вокали во светот, за своето деби издание од 1999 година ја сними баладата „I Turn Тo You“, објавувајќи ја како трет сингл од албумот. Додека првите два „Genie In a Bottle“ и „What a Girl Wants“ беа први на Билбордовата топ 100 листа, оваа преработка на хитот, кој своевремено го сними групата „Ол фор уан (All-4-One)“, го достигна високото трето место. Оригиналната верзија, пак, своето место го пронајде на албумот за филмот „Space Jam“ со Душко Долгоушко и легендарниот кошаркар Мајкл Џордан.

 

7. Тифани – I Think We’re Alone Now (1987)

Откако помина неколку недели на првото место на сите можни топ листи, „I Think We’re Alone Now“ е една од најпрепознатливите синглови во поп музиката од осумдесеттите. Но, кога ќе се слушне забавениот оригинал на „Томи Џејмс и Шонделс“, не е ни чудо што дозволиле да се преработи со познатиот звук на осумдесеттите.

 

8. Енималс – House оf the Rising Sun (1964)

Куќата на изгрејсонцето“ е традиционална американска народна песна од непознато потекло, а можеби е постара и повеќе од сто години. Иако оригиналниот автор е непознат, ја препеале многу изведувачи, но најпозната е верзијата на „Енималс“ од шеесеттите години, а тоа го покажува и првото место на сите топ листи во тоа време.

 

9. Бет Мидлер – Wind Beneath My Wings (1989)

Како во случајот со песната „Respect“ од Арета Френклин, ова е една од песните чија преработка е мошне попопуларна од оригиналот. Верзијата на Бет Мидлер во 1990 година дури освои и две Греми награди, и тоа за албум на годината и песна на годината. Оригиналот го извел Роџер Витакер во 1982 година.

 

10. Боулинг фор суп – 1985 (2004)

Иако песната „1985“ од групата „Боулинг фор суп (Bowling For Soup)“ не достигна слава како некои други песни на оваа листа, таа и понатаму е една од најпознатите поп-панк песни од средината на двеилјадитите години. Оригиналната верзија ја изведе групата „Ес-ар-71“(SR-71), но „Боулинг фор суп“ промениле многу зборови во песната со цел да биде попријатна за слушање на радио. Стратегијата им успеа и песната стана толку позната што во денешно време ни буди носталгија кога ја слушаме.

 

11. Олд кроу медисин шоу – Wagon Wheel (2004)

Ова е бонус песна затоа што „Wagon Wheel“ од „Олд кроу медисин шоу (Old Crow Medicine Show)“ не е баш преработка во традицоналната смисла на зборот. Приказната позади песната е тоа што Боб Дилан снимил демо верзија на песната (и ја нарекол „Rock Me Mama“) во 1973 година додека работел на својот албум. Неколку децении подоцна, фронтменот на „Олд кроу медисин шоу“, Кит Секор напишал строфи околу рефренот на Дилан, користејќи ја неговата мелодија. Ако ја преслушате оригиналната снимка на Боб Дилан, очигледно е дека строфите на Секор имале голем придонес за успешноста песната, која во САД достигна платинест тираж.

 

12. Натали Имбрулиа – Torn (1997)

Не е многу познато дека хитот на австралиската пејачка е всушност преработка на алтернативниот рок состав „Еднасвоп (Ednaswap)“. Песната е преработувана повеќе пати, но најголемиот успех го достигна токму Имбрулиа, чија верзија беше најслушаниот сингл во неколку земји.

 

13. Џоан ЏетI Love Rock ‘n’ Roll (1982)

Овој хит има неколку верзии кои се многу познати. Веројатно најпознатата е онаа од 1982 година на пејачката Џоан Џет, а во 2002 година ја препеа и Бритни Спирс за својот филм „Crossroads“. Оригиналната верзија во 1975 година ја напишала групата „Ероус (Arrows)“.

 

14. Лу Бега – Mambo no. 5 (1999)

Популарната џајв и мамбо песна ја популаризираше Лу Бега во 1999 година, но таа, верувале или не, е стара повеќе од шеесет години, кога во 1949 година за прв пат ја извел Кубанецот Дамасо Перез Прадо.

 

15. Фјуџис – Killing Me Softly (1996)

Ова е еден пример дека една песна може да биде хит во повеќе верзии. Преработката на „Фјуџис“ стана една од химните на деведесеттите години, а интересно е тоа што во 1973 година хит верзија имала и Роберта Блек. Песната е оригинално компонирана во 1971 година, со соработка меѓу повеќе познати музичари од тој период.

 

16. Шинед О’Конор – Nothing Compares 2 U (1990)

Најпознатата песна во кариерата на ирската пејачка е всушност преработка на истоимената песна која ја објавил американскиот музичар Принс за еден од неговите проекти.

Извор: MTV.rs



Врати се горе ↑