Свет Den_na_tisinata_2

13 јануари, 2015

14 јануари – Ден на тишината

По повод масакрот кој се случи во редакцијата на францускиот магазин „Шарли Ебдо“, земјите од регионот – Хрватска, Македонија, Романија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија кои се дел од платформата „Ферпрес.еу“, иницираат „Ден на тишината“ кој ќе се одбележи на 14 јануари во перидот од 11.30 (времето на нападот на редакцијата) до 14 часот во сите шест земји.

Се повикуваат сите медиумски куќи, новински агенции, сите блогери и сите граѓани кои се присутни на социјалните мрежи на своите веб страници и на социјалните мрежи, во наведениот темрин да објават само напис „Ден на тишината“ со што ќе се покаже како би изгледал светот без новинари, медиуми и без зборови.

„Убиени се новинари. По кој знае кој пат, употребена е брутална сила против букви, цртежи, аудио и видео снимки. Против мисли и зборови. Кога нè убиваат, тепаат, касапат и заплашуваат, тоа секогаш е за повисоки цели. Но, никој нема одговор на нашето прашање кои се тие повисоки цели. Бидејќи тие не ни бараат одговори и информации“,  пишува Мунир Подумљак, директор на хрватското Партнерство за општествен развој, на веб порталот „Ферпрес.еу“.

Тој додава дека денешните вистини се креираат во радикални, идеолошки, религиозни, политички, криминални и финансиски лаборатории, а отворениот и критички настроен новинар стана последната пречка за тие „вистини“.

„Токму поради тие причини, слободоумниот новинар стана најголемиот плен и трофеј на идеологијата. Поради тоа и нè убиваат, со цел да испратат јасна порака до сите оние кои размислуваат, што ги чека ако ги изговорат своите мисли. Тажен парадокс. Најчесто нè убиваат за да пишуваме и да зборуваме за тоа. Зашто, ако тие пораки на страв и терор не се пренесат до секој човек, самиот тој чин, за оние кои го сториле злосторството, нема да има никаква смисла“,  нагласува Подумљак.

Во изминативе 9 години убиени се 720 новинари

Според податоците од „Репортери без граници“, од 2005 до 2014 година, убиени се вкупно 720 новинари, од кои само во 2014 година, 66 новинари го загубиле својот живот извршувајќи ја својата должност да ја известат јавноста,  а две третини од случаите се во воените зони како Палестина, Украина, Ирак и Либија. Значаен пораст од 30 проценти е забележан во бројот на киднапирани професионални новинари, односно 119 случаи во 2014 или 87 случаи во 2013 година.

На глобално ниво, 40 професионални новинари и 3 граѓани-новинари се држат како заложници. Според последните податоци на „Репортери без граници“, вкупно 178 професионални новинари и исто толкав број граѓани-новинари се осудени на затворска казна поради извршувањето на својата должност.



Врати се горе ↑