16 јули, 2015

„10 лета“ е новиот сингл и видео запис на Даниел Кајмакоски

По кусата пауза после учеството на „Евровизија 2015“, Даниел Кајмакоски денеска нè почести со својот нов сингл насловен „10 лета“. Автор на песната е Александра Милутиновиќ, аранжманот и продукцијата се на Дарко Димитров, а препевот на македонски јазик го направи Огнен Неделковски.

„Големо задоволство ми е да излезам со целосно свој проект. Посебно сум среќен и благодарен на соработката со Александра, Дарко и Огнен. Со овој тим и сингл го најавувам мојот нареден проект – сингл и албум. До наредниот сингл, уживајте во 10 лета“, изјави Даниел Кајмакоски.

„Текстот за синглот ’10 лета’ го претставува Даниел како емотивно и силно момче. Се зборува за љубов која можеби не се случила во вистинското време, но секако дека не е само авантура и нешто минливо. Благодарејќи на Дарко Димитров, кој е продуцент на овој сингл, песната звучи свежо и му дава на Даниел еден свој печат, на почетокот на својата кариера. Како што би рекле ние авторите – се надевам дека песната и успехот ќе траат долго”, изјави Алесандра Милутиновиќ.

Видео записот ја дополнува љубовната приказна од песната, прави дополнително уживање низ прошетка на различни локации снимени во Охрид. Даниел во спотот е придружуван од Поликсена Тунтева. Спотот е во реализација на „ДК тим“ и „Сторителер“ (Storyteller).

Наскоро ќе следи објавување на „Деценије“, српската верзија на песната, заедно со видео запис.



Врати се горе ↑