Свет ga

29 ноември, 2014

10 Греми категории за кои не сте знаеле дека постојат

Американската Национална Академија на снимани науки и уметности секоја година доделува десетици Греми статуетки, меѓутоа, покрај бројните категории за кои се доделуваат овие награди, постојат и оние за кои веројатно никогаш не сте слушнале. Причината за тоа е што на телевизија не се пренесува секоја доделена награда за секоја категорија, така што ги има во голем број оние коишто им се познати само на луѓето од индустријата.

На пример, во 2012 година, бројот на категории од 109 спадна на 78, а од оваа година се искачи на 83. Во продолжение ќе прочитате 10 категории, од кои 5 се веќе укинати, а 5 постојат и понатаму.

Категории повеќе кои не постојат:

1. Најдобра диско снимка (Best Disco Recording)

Оваа награда беше воведена во 1980 година, а тоа воедно беше и првата и последна година кога се додели оваа награда. Единствената добитничка на оваа Греми статуетка е Глорија Гејнор за нејзиниот хит „I Will Survive“.

2. Најдобар полка албум (Best Polka Album)

Полка навистина беше значаен и влијателен музички правец уште од 1959 година, но чудно е како се одржа како категорија сè до 2009. Сигурно се прашувате колку квалитетни полка албуми се објавени во дваесет и првиот век. Одговорот лежи во тоа што само 3 исти уметници ја добивале оваа награда секоја година од 1988 до 2009 година.

3. Најдобра изведба од оркестар или инструменталист со оркестар – притоа да не е џез или музика за танцување (Best Performance by an Orchestra or Instrumentalist with Orchestra – Primarily Not Jazz or for Dancing)

Мошне комплицирано име, но еве што значи: оваа награда не се доделува за песна, туку за изведба на оркестар или соло изведувач со оркестар. Најважно е дека изведувањето не би смеело да биде наменето за танц. Логично, категоријата била укината во 1964 година.

4. Најдобар поп инструментален албум (Best Pop Instrumental Album)

Инструменталните поп албуми биле популарни до шеесеттите години, а потоа повеќе не биле во мода, но категоријата се одржала во некаква форма сè до 2012 година.

5. Најдобра современа (рокенрол) соло вокална изведба од машки или женски изведувач (Best Contemporary (R&R) Solo Vocal Performance – Male or Female)

Оваа категорија траела само три години, од 1966 до 1968 година.

Сегашни категории:

1. Најдобра импровизирана џез соло изведба (Best Improvised Jazz Solo)

Ова не е потполно бесмислена категорија, но сигурно се прашувате како може да се утврди дали номинирани настапи навистина биле импровизации. Како некој знае дека музичарите не ги осмислиле пред настапот, па потоа само се прават дека импровизираат?

2. Најдобра специјална едиција со ограничен број примероци (Best Boxed/Special Limited Edition) 

Ако не умеете да пеете или свирите, тогаш како дизајнер на обвивката на изданието можете да ја освоите барем оваа награда.

3. Најдобри белешки за албум (Best Album Notes)

Оваа категорија постои од 1964 година. Сите се збунети…

4. Најдобар историски албум (Best Historical Album)

Оваа награда практично се доделува за најдоброто реиздание. Тоа значи дека ако некој направи компилација од најдобрите песни или додаде бонус песни на веќе објавен албум, има уште една можност да освои Греми награда.

5. Најдобар албум со опкружувачки звук (Best Surround Sound Album)

Оваа категорија е воведена во 2005 година, кога се сметало дека иднината на музиката е во огромните и мошне скапи 5.1 системи за опкружувачки звук.

Извори: „Билборд“ и „Ем-ти-ви“



Врати се горе ↑