Аудио

16 октомври, 2017

10 години без Тоше одбележани со уште една нова песна

Звучи неверојатно, но поминаа точно 10 години откако Македонија и Балканот останаа без својот најголем идол и најсветла музичка ѕвезда, неповторливиот Тоше Проески. Секоја година, 16 октомври ни ја враќа горчината во срцата, потсетувајќи нè на тоа кобно утро кога сите се молевме некој да ги демантира вестите на хрватските медиуми, да рече дека сè е лага…

Но, секоја година имаме и повод повеќе да се потсетуваме на неговото најголемо дело – музиката, а одвреме-навреме да слушнеме и по нешто ново, сокриено во неговата богата архива на необјавени песни, кои ни даваат утеха и го потврдуваат фактот дека Тоше има само датум на раѓање.

2017 е година на Тоше. Освен премиерата на првиот македонски мјузикл во негова чест, насловен по бесмртната „Тајно моја“, годинава ќе биде одбележана и со уште еден албум со досега необјавени песни, од кои неколку веќе ги слушнавме во изминатиот период, а како што беше најавено, денеска својата премиера ја доживеа и темата насловена „Кад волиш“.

Интересно е тоа што станува збор за преработка на хитот од неговата колешка Каролина Гочева, чија македонска верзија го носи насловот „Штом сакаш“ и е сместена на нејзиниот албум „Знаеш колку вредам“ (2003). Автори на песната се Мирко Вукомановиќ (музика) и Снежана Вукомановиќ (текст), а како звучи сето тоа во изведба на легендарниот Тоше можете да слушнете во продолжение. Уживајте!



Врати се горе ↑